Description
Корисен и концизен водич за новиот муслиман
Други преводи 48
Подготвил
Мухамед ел Шихри
1441-2020
Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот
Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Него го славиме и од Него помош и прошка бараме. Бараме заштита кај Аллах од злото на нашите души и од грдоста на нашите дела. Кого Аллах ќе го упати, тој нема да заталка, а кого во заблуда ќе го остави, тој патот нема да го најде. Сведочам дека Аллах е единиот вистински Бог кому никој не Му е рамен и дека Мухамед е Негов роб и пратеник
Во продолжение велам,
Аллах го почестил и одликувал со благодати човештвото над речиси сите Негови созданија. Возвишениот вели: „Ние навистина ги одликувавме синовите на Адем..." Ел Исра, 70 Оваа заедница (уммет) уште повеќе ја почестил испраќајќи го кај нив најодбраниот од Неговите пратеници, Мухамед, Божјиот спас и мир нека се со него, објавувајќи ја и Неговата последна објава Благородниот Куран и обврзувајќи ги со прописите на највозвишената вера – исламот. Возвишениот Аллах вели: „Вие сте најдобриот народ кој воопшто се има појавено: барате да се прави добро, а забранувате зло, и верувате во Аллах! А кога следбениците на Книгата би верувале исправно, тоа би било подобро за нив; меѓу нив има верници, но повеќето се грешници!" Али Имран, 110 Голема благодат е Аллах да упати некого да го прифати исламот како вера, да му даде непоколебливост и да го инспирира да работи според прописите и верозаконот на верата ислам. Во оваа наизглед мала книга според обемот но голема според содржината, новиот муслиман има можност да го научи она за кое има потреба на почетокот на неговото ново животно патешествие. Концизно и јасно претставено, тој ќе научи за главните идеи водилки на исламот, и доколку истите ги разбере и работи според нив, ќе го продолжи трагањето по знаење за подобро да го осознае својот возвишен Господар, Божјиот пратеник Мухамед, Аллаховиот спас и мир нека се со него, и верата ислам. Така ќе го обожува Аллах базирајќи се врз јасни и автентични докази, ќе се смири неговото срце, ќе јакнее неговото верување и ќе биде поблиску до Аллах покорувајќи Му се и следејќи ја праксата на Божјиот пратеник, Мухамед, сал-лал-лаху алејхи ве селем.
Го молам Аллах да даде бериќет во секој збор од оваа книга, истата да биде од корист за исламот и муслиманите. Го молам Аллах во истата да даде искреност и наградата за неа да им се подели на сите живи и починати муслимани.
Божјите благослови и мир нека се над нашиот пратеник Мухамед, над неговото семејство и сите асхаби.
Мухамед б. Шејбе ел-Шихри
2/11/1441 хиџретска година
Аллах вели: „О, луѓе, обожувајте Го Господарот ваш Кој ве создаде и вас и тие пред вас, за да бидете богобојазни." Ел Бекара, 21
Аллах вели: „Тој е Аллах, нема друг бог освен Него." Ел Хашр, 22
Аллах вели: „Ништо Нему не му е слично! Тој сè слуша и сè гледа." Еш Шура, 11
Аллах е мојот Господар, и Господар на сè што постои, Владетелот Создателот, Снабдувачот и Тој што управува со сè.
Единствено Тој заслужува да биде обожуван, нема друг Бог освен Него и Тој е единственото божество.
Тој има убави имиња и возвишени атрибути. Истите ги потврдил за Себеси и истите ги потврдил Божјиот пратеник, Аллаховиот спас и мир нека се над него. Неговите имиња и атрибути ја достигнале кулминацијата на убавото и совршеното. Нему ништо не Му е слично.Тој сè слуша и сè гледа.
Некои од Неговите убави имиња се:
Снабдувачот, Премилостивиот, Семоќниот, Владетелот, Тој што слуша сè, Давателот на мир, Тој што сè гледа, Тој што врз себе го презема доброчинството кон Своите робови, Создателот, Благиот, Доволниот, Простувачот.
Ер Реззак, врз себе ја презема одговорноста да ги снабдува своите робови со она што го гарантира животот на нивните срца и тела.
Ер Рахман, е Тој што има неизмерна милост која опфаќа сè.
Ел Кадир, Тој што поседува апсолутна моќ која не содржи немоќ и замор.
Ел Мелик, е опишан со атрибутите на величина, потчинување и управување со сè што постои.
Ес Семи', слуша сè што е изречено на глас и во себе.
Ес Селам, е Тој кому не може да Му се припише ниту една несовршеност, непотполност и недостаток.
Ел Бесир, Тој што сè гледа па дури и најситните работи, Тој што поседува знаење за сите работи и е информиран и за нивните внатрешности.
Ел Векил, го презел врз Себеси снабдувањето на своите робови, Тој се грижи за сè она што е во нивен интерес. Тој ги штити своите миленици, им ги олеснува работите и ги штити од другите.
Ел Халик, Тој што создава од ништо и без претходен пример.
Ел Латиф, Тој што ги почестил своите робови, кон кои покажува сомилост и им го дава тоа што од Него го бараат.
Ел Кафи, доволен им е на своите робови обезбедувајќи сè за кое имаат потреба. Она кое Аллах им го дава е доволно и немаат потреба нешто друго да бараат од некого друг.
Ел Гафур, ги брани своите робови од злото на нивните гревови и не ги казнува за истите.
Муслиманот размислува за Аллаховото создавање, за тоа како Аллах олеснува некои работи за своите созданија. Во тоа спаѓа и нивната грижа за своите потомства, ангажирањето за нивна исхрана сè додека не се развијат доволно за да се потпрат сами на себе. Возвишен е Создателот, Благиот, и од Неговата благост е што на своите созданија им овозможил работи кои им помагаат во животот, иако нивната слабост и зависност се апсолутни.
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Ви дојде Пратеник, еден од вас, тешко му е што на маки ќе паднете, одвај чека по Вистинскиот пат да тргнете, а кон верниците е благ и милостив!" Ет Теуба, 128
Аллах, субханеху ве теала, вели: „...а тебе само како милост на световите те пративме." Ел Енбија, 107
Мухамед, ﷺ подарената милост
Тој е Мухамед син на Абдуллах, сал-лал-лаху алејхи ве селем, печатот на Божјите пратеници и избраници, пратен е до сите луѓе со исламот како вера, да ги ориентира кон доброто, а најголемо добро е Аллаховото едноштво-тевхидот, и да ги оддалечи од злото, а најголемо зло е многубоштвото.
Должни сме да му се покориме во она кое го наредува, да го потврдиме како вистина тоа што ни го соопштил, да се оддалечиме од она кое ни го забранил и да го обожуваме Аллах само како тој нè поучил.
Неговата порака е иста како и пораката на сите Божји пратеници, повикот да се обожува само Аллах и да не Му се припишува некој рамен.
Од особеностите на Божјиот пратеник ﷺ ќе ги спомнеме следните :
Искреноста, сомилоста, благоста, трпението, храброста, дарежливоста, убавото однесување, скромноста, простувањето.
Аллах, субханеху ве теала, вели: „О, луѓе, Доказот од Господарот ваш веќе ви стигна и Ние ви ја објавивме Јасната Светлина!" Ен Ниса, 174
Благородниот Куран е Аллаховиот говор кој му е објавен на Неговиот пратеник Мухамед ﷺ за да ги изведе луѓето од темнините кон светлото и да ги упати кон вистинскиот пат.
За читањето на Куранот Аллах дава голема награда, а кој работи според Куранот ќе биде на вистинскиот пат.
Божјиот пратеник ﷺ рекол: „Исламот е изграден врз пет (столба): сведоштво дека нема божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божји пратеник, клањање намаз, давање зекат, пост на месец рамазан и аџилакот."
Столбовите на исламот се дела на покорност и обожување на Аллах, кои се обврска на секој муслиман. Не е исправен исламот освен со цврста убеденост дека тоа се потврдени обврски и со нивно потполно извршување. Исламот е изграден врз нив па затоа и се именувани како столбови на исламот.
Овие столбови се:
Првиот столб е: Сведоштвото дека нема божество достојно за обожување освен Аллах и дека Мухамед е Божји пратеник
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Знај дека нема друг бог освен Аллах!" Мухаммед, 19
Возвишениот, вели: „Ви дојде Пратеник, еден од вас, тешко му е што на маки ќе паднете, одвај чека по Вистинскиот пат да тргнете, а кон верниците е благ и милостив!" Ет Теуба, 128
Еден дел на ова сведоштво „Нема друг Бог освен Аллах" значи дека нема друго божество кое може да биде со право обожувано освен Аллах.
Вториот дел од сведоштвото „Мухамед е Божји пратеник" подразбира дека сме должни да му се покориме во она кое го наредува,да го потврдиме како вистина тоа што ни го соопштил, да се оддалечиме од она кое ни го забранил и да го обожуваме Аллах само како тој нè поучил.
Вториот столб е: Клањањето намаз
Аллах, субханеху ве теала, вели: „И намаз (молитва) извршувајте..." Ел Бекара, 110
Намазот треба да се извршува на начин пропишан од Аллах, субханеху ве теала, и според формата објаснета од Божјиот пратеник, Аллаховиот спас и мир нека се над него.
Третиот столб е: Давање зекат
Аллах, субханеху ве теала, вели: „...и зекат давајте..." Ел Бекара, 110
Аллах го пропишал зекатот како обврска (фарз) за да ја испита искреноста на верувањето на муслиманот, да биде израз на благодарност за дадените од Аллах благодати меѓу кои е и имотот и за да им се помогне на сиромашните и тие кои имаат потреба.
Оваа обврска се исполнува со давање на зекатот на тие на кои им следува:
Зекатот е право на другите во нашиот имот кога истиот ќе достигне одредена количина/сума. Тој се дава на осум категории на луѓе кои се спомнати во Куранот а меѓу нив се сиромашните и тие што не поседуваат ништо.
Преку давањето зекат се култивира сомилост и солидарност кај верникот, се чисти моралот и имотот на муслиманот, предизвикува задоволство во душите на сиромашните, се јакне братството и љубов помеѓу членовите на исламската заедница. Добриот муслиман со задоволство го дава зекатот и е среќен затоа што извршил должност и затоа што предизвикал радост и кај други луѓе.
Процентот на зекат кој треба да се издвои е 2,5% од поседуваниот имот во форма на злато, сребро, валути, трговска роба понудена за купопродажба со цел добивање профит, доколку достигне одредена количина и доколку истата се поседува една година (лунарна).
Зекатот е должност и доколку поседуваме одреден број на дадени категории на стока (камили, крави и овци) и доколку истите поголем дел од годината пасат на oтворено без дополнително да ги дохранува сопственикот.
И за житариците како и за други плодови, руди и ископани богатства е должност да се издвои зекат доколку истите достигнат одредена количина.
Четвртиот столб е: Пост во месецот рамазан
Аллах, субханеху ве теала, вели: „О, верници! Ви се пропишува пост, како што им е пропишан и на тие пред вас, за да бидете богобојазни." Ел Бекара, 183
Рамазан е деветтиот месец во лунарната година. Тој е месец со посебна вредност за муслиманите и е посебно одликуван во однос на останатите месеци во годината. Постот во текот на целиот месец рамазан е еден од петте столбови на исламот.
Постот во рамазан е богоугодно дело (ибадет) искажано преку неконзумирање храна, пијалоци и други работи кои се сметаат за прекинувачи на постот како и апстиненција од интимни односи, почнувајќи од мугрите па сè до залезот на сонцето во текот на сите денови од рамазан.
Петтиот столб е: Аџилакот
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Аџилакот должен е да го изврши, поради Аллах, секој што е во можност." Али Имран, 97
Аџилакот е должност на секој што е во можност да го изврши еднаш во текот на животот. Аџилакот подразбира посета со посебна намера на Мека (Ел Месџид ел Харам) и светите места околу неа за да изврши одредени ибадети во специфичен период. На аџилак бил и Божјиот пратеник, Мухамед, Аллаховиот спас и мир нека се над него, како и Божјите претеници пред него: Аллах му наредил на Ибрахим, алејхи селам, да ги повика луѓето на хаџџ, како што е објавено во Благородниот Куран: „,И повикај ги луѓето на аџилак!' – и ќе ти доаѓаат пешки и на секоја истоштена камила, кои ќе доаѓаат од далечен пат." Ел Хаџџ, 27
Божјиот пратеник ﷺ бил прашан за иманот па одговорил: Да веруваш во Аллах, во Неговите мелеци, во Неговите книги, во Неговите пратеници, во Последниот ден и во Божјата одредба на сé што се случува, добро и лошо.
Столбовите на иманот се ибадети (богоугодни дела) на срцето со кои како строга должност е обврзан секој муслиман. Еден човек не е муслиман сè додека цврсто не биде убеден и непоколебливо верува во овие работи. Затоа истите се нерекуваат столбови на иманот (верувањето). Разликата помеѓу столбовите на исламот и иманот е во фактот дека столбовите на исламот се надворешни дела, како изговарањето на шехадетот, намазот, закатот, додека, пак, столбовите на иманот се дела на срцето како што е верувањето во Аллах, во Неговите книги, во Неговите пратеници.
Според концептот и значењето иманот е цврсто убедување и верување на срцето во Аллах, во Неговите ангели, книги, пратеници, во Последниот ден и Неговата предодредба на сè што се случува, било да е добро или лошо, но и да го следиме и практикуваме сè тоа кое ни го доставил Божјиот пратеник, Аллаховит мир и спас нека се над него. Иман е и изговарање со јазик како што е изговарањето на шехадетот, читање Куран, спомнување и славење на Аллах со зборови.
Иман е и практично извршување на видливите дела како што се намазот, аџилакот, постот, како и на невидливите дела на срцето како што се љубовта во име на Аллах, богобојазливоста, потпирањето врз Аллах, искрено манифестирање на верата.
Учените иманот накратко го дефинираат како: убеденост со срцето, декларирање со јазикот и практично делување со екстремитетите, тој се зголемува со покорност а се намалува со грешење.
Првиот столб е: Верувањето во Аллах
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Вистински верници се само тие кои во Аллах веруваат..." Ен Нур, 62
Верувањето во Аллах подразбира верување во Неговото едноштво како Господар, како единствено достоен за обожување и верување во Неговите имиња и атрибути. Тоа подразбира:
Верување во егзистенција на Аллах, Славениот.
(Ер Рубубијје) Верување дека Тој е вистинскиот Господар кој владее со сé, создал сé, снабдува секого и управува со универзумот.
(Ел Улухијје) Верувањето дека единствено Аллах, субхабеху ве теала, заслужува да биде обожуван, Тој е Единствениот без придружник во ниту една работа, ниту во намазот, ниту во молитвата (довата), ниту во дадениот завет, барањето помош, барањето заштита ниту во останатите ибадети (богоугодни дела).
(Ел Есма вес Сифат) Верување во Неговите убави имиња и возвишени атрибути, кои Аллах ги потврдил за себеси или ги потврдил Мухамед, алејхи салату ве селам, за својот Господар. Истовремено негираме сé она кое од имињата и атрибутите ги негирал Аллах за себеси или ги негирал Неговиот пратеник. Аллаховите имиња и атрибути се кулминација на убавото и совршеното, Нему ништо не Му е слично! Тој сè слуша и сè гледа.
Вториот столб е: Верувањето во мелеците
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Создателот на небесата и на Земјата, Кој мелеците со по две, три и четири крила ги прави пратеници; Тој на тоа што го создава му додава што сака, Тој, навистина, може сè." Ел Фатир, 1
Веруваме дека мелеците/ангелите се невидлив свет, Аллахови робови создадени од светлина, секогаш покорни и потчинети на Аллах.
Тие се величествено Аллахово создание, нивниот број и моќ ги знае и може да ги опфати, само Аллах, сите имаат особини, имиња и должности, кои им ги одредил Аллах, субханеху ве теала. Таков мелек е Џибрил, алејхи селам, на кого му е доверена должноста да ја достави објавата до Божјите пратеници.
Третиот столб е: Верувањето во Аллаховите книги
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Кажете: ,Ние веруваме во Аллах, и во тоа што ни се објавува, и во тоа што му беше објавено на Ибрахим, и на Исмаил, и на Исхак, и на Јакуб, и на внуците; и во тоа што му е дадено на Муса, и на Иса, и во тоа што им е дадено на веровесниците од Господарот нивен; ние не правиме никаква разлика меѓу нив и ние само Нему Му се покоруваме.'" Ел Бекара, 136
Цврста убеденост дека сите небески книги се Аллахов говор.
Сите книги се објавени од Аллах до Божјите пратеници за да ги достават до своите народи и во сите е содржана јасната вистина.
Веруваме дека со испраќањето на Мухамед ﷺ како пратеник од Бога до сите луѓе, неговиот верозакон ги дерогирал сите претходни верозакони. Благородниот Куран е последната објава која ги дерогирала претходните Божји книги, за која Аллах гарантира дека ќе ја заштити од искривување и менување на нејзината содржина. Славениот Господар вели: „Ние го објавуваме Куранот и Ние над него ќе бдееме." Ел Хиџр, 9 Благородниот Куран е последната Божја книга објавена на човештвото, Мухамед ﷺ е последниот Божји пратеник а исламот е верата која Аллах ја одбрал за сите луѓе до Судниот ден. Аллах, вели: „За Аллах единствено исламот е вистинска вера." Али Имран, 19
Небеските книги кои ги спомнал Аллах, субханеху ве теала, во својата Книга се:
Благородниот Куран кој му е објавен на Мухамед, Аллаховиот мир и спас нека се над него:
Теврат, Божја книга која му е објавена на Муса, алејхи селам.
Инџил, Божја книга која му е објавена на Иса, алејхи селам.
Зебур, Божја книга која му е објавена на Давуд, алејхи селам.
Листовите Ибрахимови, кои му се објавени на Ибрахим, алејхи селам.
Четвртиот столб е: Верувањето во Божјите пратеници
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Ние на секој народ Пратеник му испративме: ,Само Аллах обожувајте Го, а тргнете се од тагутот!'" Ен Нахл, 36
Имаме цврсто убедување дека Аллах, субханеху ве теала, на секој народ му испратил Свој пратеник, кој ги повикувал да го обожуваат само Аллах, Единствениот кому никој не Mу е рамен и да го негираат секое божество обожувано покрај Аллах.
И дека сите се од човечкиот род, мажи, Аллахови робови, кои ја зборувале вистината и нивната искреност била потврдена. Аллах ги помогнал со натприродни дела (муџизи) за да се потврди нивната вистинитост. Сите тие до своите народи го доставиле она со кое Тој ги испратил, сите биле на вистинскиот и јасен пат кон кој ги упатил Аллах, возвишениот.
Нивниот повик, од првиот до последниот, бил ист, повикот кој е и темел на верата, едноштвото на Аллах, само Аллах да се обожува и никој со Него да не се изедначува.
Петтиот столб е: Верувањето во Последниот ден
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Аллах, освен кого друг бог нема, сигурно ќе ве собере на Судниот ден, во тоа воопшто нема сомнеж! А чиј говор е повистинит од Аллаховиот?" Ен Ниса, 87
Нашето верување е непоколебливо за сè она што се однесува за Судниот ден, а за кое нè информирал Аллах во Својата книга и Мухамед, Аллаховиот спас и мир нека се над него, во своите хадиси. Веруваме во сè што е во Куранот и хадисите, а се однесува на смртта, проживувањето и излегувањето пред Аллах, заземањето (шефаатот), вагата (мизанот), полагање сметка, Џенетот, Џехенемот и сите други работи поврзани со Судниот ден.
Шестиот столб е: Верување во Аллаховото предодредување (кадерот)
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Ние навистина сè со мерка создаваме." Ел Камер, 49
Веруваме дека сè она кое се случува е предодредено од Аллах. Во тоа се огледа севкупноста на Аллаховото знаење и на Неговата моќ. Тој е Единствениот кој управува со сето она кое е создадено, што ќе се случи е запишано пред создавањето на човекот. Човекот има своја волја и желба и тој е вистискиот извршител на своите дела, но сето ова е дел и е потчинето на Аллаховото знаење, волја и намера.
Верувањето во Кадерот (предодредувањето) има четири нивоа:
1. Верување во Аллаховото сеопшто и сеопфатно знаење.
2. Верување дека Аллах запишал сè што ќе се случи до Судниот ден.
3. Верување во Аллаховата волја (која целосно се реализира) и во Неговата апсолутна моќ. Тоа што Аллах сака ќе се случи, а тоа што не го сака, не може да се случи.
4. Верување дека Аллах создал сè и дека нема содружник во создавањето.
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Аллах навистина ги сака тие што се каат и ги сака тие што се чистат." Ел Бекара, 222
Божјиот пратеник ﷺ рекол: „Земете абдест на начин на кој јас го земам..."
Заради високата положба на намазот во исламот, за истиот е пропишано претходно чистење (абдест) кое е и предуслов за истиот. Абдестот е клучот на намазот, поттикнува свест за важноста на истиот и го исполнува срцето со копнеж кон обавување молитва. Божјиот пратеник ﷺ рекол: „Чистотијата е половина од иманот...а Намазот е светлина."
Божјиот Пратеник ﷺ вели: „Кој на најубав можен начин ќе земе абдест, гревовите ќе го напуштат неговото тело."
Верникот се исправа пред својот Господар со физичка и духовна чистотија за искрено и следејќи го сунетот на Божјиот пратеник ﷺ да го изврши ова богоугодно дело (ибадет).
Абдестот е предуслов за следниве ибадети:
1. Намазот без оглед дали се работи за фарз (строга должност) или доброволен намаз.
2. Таваф (чекорењето или брзото одење) околу Каба.
3. Допирањето на Мусхафот (книга во која е испечатен или напишан Куранот).
За абдест и гусул (посебен начин на бањање) користиме чиста вода:
За чиста се смета дождовната вода и водата од изворите која е во својата оргинална форма и состојба и на која не и се променило едно од трите својства: бојата, вкусот и миризбата со елементи кои истата ја прават нечиста.
Практично го учам абдестот:
Прв чекор е: намерата (ниетот) која е во срцето, а значењето на ниетот е: одлучна намера со срце да се изврши овој ибадет кој нè приближува до Бога.
Втор чекор е миењето на рацете.
Трет чекор е „Мадмада„.
Мадмада значи внесување на вода во устата, нејзино придвижување во усната шуплина и повторно вадење од истата.
Четврт чекор е „Истиншак„.
Истиншак е внесување на вода во нос преку создавање на вакуум со вдишување до најдлабокиот дел на носот.
Потоа доаѓа делот „Истинсар„ каде со издишувње се вади внесената вода и други материи од носот.
Петтиот чекор е миењето на лицето.
Границите на лицето се:
Лицето е: оној дел на главата кој го вртиме кон тие со кои комуницираме.
Границите на лицето во широчина се од едното до другото уво.
Во должина, граници на лицето се од местото каде нормално израснуваат влакната на косата па сè до најдолната точка на брадата.
Миењето треба да ја опфати целата површина на она што се смета за лице:
Тука спаѓаат и влакнестите и невлакнестите делови.
Влакнестите делови: се мисли на ретка брада и на влакната на веѓите, трепките како и зулуфите кои растат на коската на лицето блиску до увото.
Доколку брадата е густа, доволно е да се помине со влажна рака по целата должина на брадата.
Шестиот чекор е миењето на рацете почнувајќи со врвовите на прстите па сè до лактите.
Во делот кој сме должни да го измиеме влегуваат и лактите.
Седмиот чекор е триење (месх) со двете раце на главата со двете ушни школки, само еднаш.
Започнува со предниот дел на главата кон тилот и повторно враќање на местото од каде почнал со месхот.
Двата показалеци се ставаат во внатрешниот дел од ушите
и со палците го триеме надворешниот и внатрешниот дел од ушите.
Осми чекор е миењето на стапалата од врвот на прстите до ножните зглобови. И ножните зглобови треба да бидат опфатени при миењето на стапалата.
Ножни зглобови се испакнатите коски на долниот дел од потколеницата.
Абдестот се губи во следниве ситуации:
1. При излегување на урина, измет, воздух, сперма и други секреции од уринарниот и аналниот отвор.
2. Губење на свеста со длабок сон, несвестица, опивање или губење на разумот.
3. Секоја ситуација која ни наложува гусул, како ејакулацијата, менструалниот циклус и периодот по породување.
По извршената нужда должни сме да ги отстраниме нечистотиите со чиста вода, а тоа е подобро, или со друго нешто што не е вода, а со кое можеме да ги отстраниме нечистотиите, како камен, лист од растение, платно и сл. Тоа треба да се направи преку три или повеќе чистечки бришења со нешто што е чисто и дозволено за користење.
Доколку на нозете имаме местви или чорапи доволно е да се потријат со влажни раце, без да се мијат нозете ако се исполнат следниве услови:
1. Мествите или чорапите се облечени по целосно земен абдест со миење на стапалата.
2. Мествите или чорапите да се чисти и без нечистотии кои според верската терминологија се сметаат за такви.
3. Месхот е дозволен во временски одреден период.
4. Мествите и чорапите да се халал, што значи да не се украдени или бесправано одземени.
Мествите се обувки направени од тенка кожа и слични материјали. Слични се на чевлите кои ги покриваат стапалата.
Чорапите се обувки направени од платно и слични материјали.
Која е мудроста на пропишаниот месх врз местви наместо миењето на нозете?
Овој пропис има за цел да им олесни на муслиманите во ситуации кога соблекувањето на мествите или чорапите претставува потешкотија, особено зиме, кога е многу студено и при патување.
Времетраењето на месхот:
За тој што е во своето место на живеење тој период е едно деноноќие или 24 часа.
За патникот тој период е три деноноќија или 72 часа.
Сметањето на овој рок започнува со првото триење (месх) врз мествите или чорапите, по губењето на абдестот.
Начинот на месх врз местви или чорапи:
1. Ги навлажнуваме дланките.
2. Со дланката триеме врз горниот дел од стапалото со движење, почнувајќи од прстите на нозете и завршувајќи кон почетокот на потколеницата.
3. Десното стапало го триеме со десната, а левото со левата рака.
Кога месхот станува невалиден:
1. Кога ќе се случи нешто заради кое ни е фарз да се избањаме (гусул).
2. Истек на времетраењето во кое месхот бил дозволен.
При интимен однос на маж или жена, при ејакулација со страст било да е буден или спие, и мажот и жената се должи да земат гусул, за да можат да клањаат или да вршат други ибадети за кои чистотијата е предуслов. Истотака жената по менструалниот циклус и периодот по породување (40 дена) е должна да земе гусул за да може да клања и да врши ибадети за кои чистотијата е услов.
Формата на гусулот е следна:
Да го полие со вода целото тело, на било кој начин, но при тоа да внимава да внесе вода и во уста (мадмада) и во носот (истиншак). Доклку водата го опфати целото тело гусулот е валиден и верникот се смета за чист.
На човекот/жената кои се во состојба на верски дефинирана состојба на нечистотија (џунуб) им се забранува:
1. Намазот.
2. Тавафот (чекорењето или брзото одење) околу Каба.
3. Престојот во џамија, се дозволува поминувањето низ џамија без задржување.
4. Допирањето на Мусхафот (книга во која е испечатен или напишан Куранот).
5. Читањето Куран.
Во ситуација кога муслиманот не може да најде вода за абдест или гусул, кога истата ја има но не може да ја користи поради болест и слично и кога постои реален страв да помине времето на намаз, на муслиманот му се дозволува тејеммумот.
Тејеммумот се зема со едно допирање на земја и потоа триење на лицето и дланките. Предуслов е земјата да биде чиста.
Тејеммумот се губи во следниве ситуации:
1. Сè она со кое се губи абдестот се губи и тејеммумот.
2. Ако се најде вода пред да се започне со ибадетот за кој е земен тејеммум.
Клањањето на петте намази (сабах, пладне, икиндија, акшам и јација) во текот на едно деноноќие е должност (фарз) за секој муслиман.
Се подготвувам за намаз
Со настапуавње на времето за намаз, муслиманот треба да земе абдест или гусул, доколку е без абдест или доколку е должен да се избања (гусул).
Состојбата на голема нечистотија е сè она што го обврзува верникот да се избања (гусул).
Состојбата на мала нечистотија е сè она што го обврзува верникот да земе абдест.
Муслиманот клања во облека која е чиста, на место кое е чисто, покривајќи ги деловите на телото кои треба да бидат покриени.
Муслиманот е должен да се разубави со облека која му доликува за време на намазот, со облека која го покрива она што не смее да се гледа, а кај мажите тоа е делот на телото помеѓу папокот и колениците.
Муслиманките треба да го покријат целото тело и во намазот не треба да биде откриено ништо освен лицето и дланките.
Во текот на намазот не е дозволен говор освен изговарањето на зборовите кои се дел од намазот, со внимание се слуша имамот, не вртиме со главата лево или десно. Доколку не сме во можност да ги научиме определените сури и дови, ќе го спомнуваме Аллах сè до крајот на намазот. Должни сме што побргу да ги научиме определените сури и дови, како и формата на намазот.
Учам за намазот
Прв чекор: Со ниет (намера), чиешто место е срцето, го одредуваме намазот што, во Аллахово име, ќе го клањаме.
Откако ќе земеме абдест се свртуваме кон Каба, и клањаме стоејќи доколку сме во можност.
Втор чекор: Ги креваме дланките во висина на рамениците, изговараме Аллаху екбер (Аллах е најголем) со што стапуваме во намаз.
Трет чекор: Ја изговараме довата за почетокот на намазот, а таква е и следнава: Субханеке-аллахумме ве би-хамдике ве тебареке-смуке ве теала џеддуке ве ла илахе гајруке. Тебе славата ти припаѓа Аллаху мој, благодарни сме Ти, славено е Твоето име, возвишена е Твојата големина и нема друг Бог освен Тебе.
Четврти чекор: Бараме заштита кај Аллах од проклетиот шејтан велејќи: Еузу бил-лахи минеш-шејтанир-раџим. Барам заштита кај Аллах од проклетиот шејтан.
Петти чекор: Го читаме поглавјето Ел Фатиха на секој рекат: „Во името на Аллах, Семилосниот, Милостивиот!" (1) „Благодарноста Му припаѓа на Аллах, Господарот на световите."(2) „Семилосниот, Милостивиот."(3) „Владетелот на Судниот ден."(4) „Само Тебе Те обожуваме и само од Тебе помош бараме!"(5) „Упати нè на Вистинскиот пат."(6) „На патот на тие врз коишто Твојата благодат ја разлеа, а не на тие врз коишто гневот Свој го разлеа и на тие што во заблуда скршнаа!" (7)
По читањето на поглавјето Ел Фатиха, на првиот и на вториот рекат читаме и други делови од Куранот. Ова не е строга должност (ваџиб) но за тој што го практикува има голема награда.
Шести чекор: Изговарајќи Аллаху екбер се наведнуваме на руку (поклонување) притоа внимавајќи грбот да ни е прав и со дланките да ги фатиме колената со нормално раширени прсти. Во оваа положба велиме: „Субхане Раббијел Азим."- Славен е мојот Голем господар.
Седми чекор: Се враќаме во состојба на кијам изговарајќи: „Семи Аллаху лимен хамидех" што значи: „Аллах го слуша оној што Му се заблагодарува.", ги креваме дланките на ниво на рамињата и кога потполно ќе се исправиме велиме: „Раббена лекел хамд" или „Раббена ве лекел хамд" што значи „Господару наш, благодарноста Тебе ти припаѓа"
Осми чекор: Велиме Аллаху екбер и паѓаме ничкум на сеџда со двете дланки, обете колена и стапалата, со носот и челото и во оваа состојба изговараме: „Субхане Раббијел еала." – Славен е мојот Возвишен господар.
Чекор деветти: Велиме Аллаху екбер и се исправаме по сеџдата, сè додека не се исправи грбот, седнуваме врз левото стапало а десното го исправуваме и изговараме Рабби-гфир ли – Господару мој, прости ми.
Десетти чекор: Изговарајќи Аллаху екбер, уште еднаш паѓаме ничкум на сеџда идентично како и претходниот пат.
Единаесетти чекор: Се подигнуваме од сеџда изговарајќи Аллаху екбер и се исправаме на кијам (стоење). Формата и на останатите рекати е идентична на првиот рекат.
По вториот рекат на пладне, икиндија, акшам и јација намаз, остануваме во седечка положба и го изговараме првиот тешехуд кој гласи: Ет техијјату лил-ахи вес салавату вет тајјибату ес селаму алејке ејухен-небијју ве рахметуллахи ве берекатуху, ес селаму алејна ве ала ибадилахис-салихин. Ешхеду ен ла илахе ил-лаллах ве ешхеду енне Мухаммеден абдуху ве ресулуху. Најубави поздрави до Аллах, благослови и добрини, спас нека е врз тебе Божји пратенику, Неговата сомилост и благодати, нека е спас врз нас и врз добрите Аллахови робови. Сведочам дека Аллах е единствен Бог и дека Мухамед е Негов роб и пратеник. Потоа стануваме на третиот рекат.
По последниот рекат во намазот седнуваме за последниот тешехуд: Ет техијјату лил-ахи вес салавату вет тајјибату ес селаму алејке ејухен-небијју ве рахметуллахи ве берекатуху, ес селаму алејна ве ала ибадилахис-салихин. Ешхеду ен ла илахе ил-лаллах ве ешхеду енне Мухаммеден абдуху ве ресулуху. Аллахумме сал-ли ала Мухаммедин ве ала Али Мухаммед кема салејте ала Ибрахиме ве ала Али Ибрахиме иннеке Хамидун Меџид. Аллахумме барик ала Мухаммедин ве ала Али Мухаммед кема баректе ала Ибрахиме ве ала Али Ибрахиме иннеке Хамидун Меџид. Најубави поздрави до Аллах, благослови и добрини, спас нека е врз тебе Божји пратенику, Неговата сомилост и благодати, нека е спас врз нас и врз добрите Аллахови робови. Сведочам дека Аллах е единствен Бог и дека Мухамед е Негов роб и пратеник. Аллаху мој смилувај му се на Мухамед и на неговото потомство како што си му се смилувал на Ибрахим и на неговото потомство, Ти ја заслужуваш благодарноста и Величествен си. Аллаху мој благослови го Мухамед и неговото потомство како што си го благословил Ибрахим и неговото потомство, Ти ја заслужуваш благодарноста и Величествен си.
Чекор дванаесетти: По ова се вртиме кон десната страна и велиме Ес селаму алејкум ве рахметуллах, Аллаховиот мир и сомилост нека се над вас. Истото го повторуваме и на левата страна.
Аллах, субханеху ве теала, вели: „О, Веровеснику, кажи им на жените свои, и на ќерките свои, и на жените на верниците нека си го покријат целото тело со своите наметки. Така најлесно ќе бидат препознаени, па нема да бидат вознемирувани. А Аллах простува и Милостив е." Ел Ахзаб, 59
Аллах наредил секоја муслиманка со хиџаб да ги покрие нејзините убавини пред мажи кои ѝ се туѓи. Хиџаб може да биде секоја облека која ги исполнува условите и истиот не смее да го соблекува, освен пред машките лица кои се нејзин махрем што значи дека се лица со кои засекогаш и е забрането да стапи во брак: Таткото и сите во нагорна линија, синот и сите во надолна линија, чичковци, вујковци, братот, синот од брат и од сестра, сопругот на мајката, таткото на сопругот и сите во нагорна линија, синот на сопругот и сите во надолна линија, братот по доење и сопругот на доилката. Сродството по доење е еднакво како и сродството по крв.
Муслиманката треба да ги земе во предвид следните правила поврзани со нејзината облека:
1. Нејзината облека треба да го опфати целосно нејзиното тело.
2. Да не биде облека која се користи за китење и разубавување.
3. Да не биде проѕирна.
4. Да биде широка, а не тесна, која ја опишува формата на телото.
5. Да не биде намирисана со парфем.
6. Да не личи на облеката каква носат мажите.
7. Да не е слична со облеката на немуслиманките во нивните верски ритуали и празници.
Дел од особините на еден верник
Аллах, субханеху ве теала, вели: „Вистински верници се само тие чиишто срца се исполнуваат со страв кога се спомнува Аллах, а кога зборовите Негови им се кажуваат, верувањето им го зголемува и само на Господарот свој се потпираат," Ел Енфал, 2
Искрен е во говорот и не лаже:
Го почитува договореното и даденото ветување.
Не е неправеден во расправии.
Доверениот аманет го чува.
За братот муслиман го посакува истото што го посакува за себеси.
Дарежлив е.
Доброчинител е кон луѓето.
Ги чува роднинските врски.
Задоволен е со Аллаховата одредба, благодарен кога е во изобилство, трпелив кога е во немаштија.
Срамежливоста е негова особина.
Сомилосен е.
Не мрази никого и од неговите дела се сигурни сите луѓе.
Им простува на луѓето.
Не работи со камата и не ја користи истата.
Не блудничи.
Не консумира алкохол.
Добро се оденсува кон соседите.
Не е неправеден ниту е предавник.
Не краде ниту мами.
Убаво се однесува кон родителите, и кога не се муслимани, покорен им е во дозволените работи.
Своите деца ги воспитува да бидат чесни, да ги извршуваат верските обврски, им ги забранува недоличните и забранетите дела.
Со своите дела не се поистоветува со немуслиманите во нивните верски посебности и традиции кои се специфични за нив или се нивен симбол.
Аллах, субханеху ве теала, вели: „На тој што прави добро, било маж или жена, а верник е, Ние ќе му дадеме да проживее убав живот и навистина ќе ги наградиме со подобро одошто го правеле." Ен Нахл, 97
Она што еден верник го прави да биде среќен и да чувствува духовен мир е директната поврзаност со неговиот Господар, без посредници, живи или мртви. без посредство на идоли. Возвишениот Аллах во Својата Книга спомнува дека секогаш е блиску до своите робови, ги слуша, се отповикува на нивните молитви и за тоа вели: „А кога робовите Мои ќе те прашаат за Мене, Јас сум, сигурно, блиску: се одѕивам на молбата на молителот кога ќе Ме замоли. Затоа, нека се одѕвијат тие на Мојот повик и нека веруваат во Мене, за да бидат на Вистинскиот пат." Ел Бекара, 186 Аллах ни наредува да му упатуваме дова само Нему, a довата е една од највозвишените форми на ибадет со која муслиманот му се приближува на Аллах. Аллах, субхабеху ве теала, вели: „Господарот ваш рече: ,Повикајте Ме и замолете, Јас ќе ви се одѕвијам!'" Ел Мумин, 60 Добриот муслиман секогаш чувствува потреба за Својот Господар, секогаш го повикува во дова и му се приближува со добри и богоугодни дела.
Не сме создадени случајно. Возвишениот Господар нé создал во овој универзум со многу важна мисија и цел. Целта на нашето создавање е обожувањето на единствениот Бог, Аллах, кој ни пропишал вера која е сеопфатна и ги уредува сите аспекти на живеењето, приватни и јавни. На овој верозакон на прво место му се заштитата на нашата вера, животи, чест, разум и имот. Нема сомнеж дека секој кој ќе се придржува кон верските наредби и ќе се оддалечи од верските забрани, ќе ги сочува овие приоритети и ќе живее среќно и спокојно.
Врската на муслиманот со неговиот Господар е длабока и е причина за смиреност и духовна спокојност. Муслиманот чувствува среќа, сигурност и смиреност, ја чувствува Аллаховата блискост и Неговата грижа и заштита на Својот роб верник. Возвишениот вели: „Аллах е заштитник на верниците, ги изведува од темнините на светлина..." Ел Бекара, 257
Оваа величествена врска е емотивна состојба која предизвикува уживање во покорност кон Семилосниот, копнеж да се сретнеме со Него, му дава на срцето сила да летне кон небото на среќата и ни овозможува да ја вкусиме сласта на верувањето.
Таа сласт не може да се опише освен од оној кој ја вкусил преку богоугодните дела и преку дистанцирање од гревовите. За ова Мухамед, Аллаховиот мир и спас нека се над него, вели: „Сласта на иманот ја вкусил тој што е задоволен со Аллах како Господар, со исламот како вера и со Мухамед како Божји пратеник."
Да, секогаш кога човек ќе биде свесен дека неговиот Создател го гледа, кога ќе го спознае Аллах со Неговите имиња и убавите атрибути, кога ќе го обожува како да го гледа пред себе, кога ќе биде искрен во својот ибадет кон Аллах и нема да има друга намера, ќе живее убав и среќен живот на овој свет и ќе има убав завршеток на оној свет.
Дури и несреќите со кои се соочува верникот, нивната жестина се гаси со свежината на убеденоста (јекин), со задовоството од Аллаховата одредба, преку искажувањето благодарност за сé она кое Тој ни го одредил и потполно предавање на Аллаховиот кадер.
Од работите кои еден муслиман треба да ги има секогаш на ум е честото спомнување на Аллах, и читањето на Благородниот Куран. Аллах, субханеху ве теала, вели: „Тие што веруваат и чиишто срца, кога Аллах ќе се спомне,се смируваат – а срцата навистина, кога Аллах ќе се спомне, се смируваат." Ер Рад, 28 Колку повеќе еден муслиман го спомнува својот Господар, и чита повеќе Куран толку посилна е неговата врска со Аллах, толку поблагородна е неговата душа и посилен е неговиот иман.
Секој муслиман треба да се труди да ги научи прописите на верата од автентичните извори, за да го обожува Аллах, Возвишениот, онака како што Тој ни пропишал. Божјиот пратеник, алејхи салату вес-селам, рекол: „Трагањето по знаење е строга обврска (фарз) за секој муслиман." Верникот треба потполно да му се предаде на својот Господар, да се покори на Неговите одредби, без оглед дали ја сфатил или не ја сфатил мудроста на тие одредби. Аллах, субханеху ве теала, во Својата Мудра Книга вели: „Кога Аллах и Пратеникот Негов нешто ќе одредат, тогаш ни верникот ни верничката немаат право по свој избор да постапуваат. А кој нема да Го послуша Аллах и Неговиот Пратеник, тој сигурно скршнал од Вистинскиот пат." Ел Ахзаб, 36
Божјите благослови и мир нека се над нашиот пратеник Мухамед, над неговото семејство и одбраните следбеници.
Крај.
Содржина според темите
Број
Тема
Страница
Враќање кон насловната страна
Пренасочување кон содржината според темите
Сподели го со нас твоето искуство со книгата
Повели посети ја веб-страницата
Интерактивна книга за мобилен телефон
Притисни за да се пренасочиш кон темата
Притисни врз фотографијата за да се вратиш кон насловната
Скенирај го бар-кодот
PPT образовна презентација
Производи на проектот
Печатена книга
Книга за мобилен телефон
Веб-страница
PPT презентација
Посебна копија за смарт телефони
Корисен и концизен водич за новиот муслиман
Мухамед е мојот Божји пратеник ﷺ:
Благородниот Куран е говор на мојот Господар
Да ги научиме столбовите на исламот
Да ги научиме столбовите на иманот
Триењето (месхот) преку местви (кожни чорапи) и чорапи
Гусул (верски дефинирано бањање)